AEVYRA · Приватност

Политика за приватност

Последно ажурирање: септември 2026. Оваа политика објаснува кои податоци ги обработува AEVYRA, зошто и кои се вашите права.

1. Кој е контролор на податоците

AEVYRA е виртуелен асистент за приватни здравствени установи. Контролор за податоците на клиниката е самата клиника (ординацијата), а AEVYRA е обработувач што работи исклучиво по нејзини упатства.

За прашања за приватност контактирајте ја вашата клиника или пишете на aevyra.mk@gmail.com.

2. Кои податоци ги обработуваме

Податоци за термин: име и презиме на пациент, телефонски број, датум и време на термин, избран доктор и услуга, статус на термин (закажан, завршен, откажан, недојден) и извор (AI или рачно).

Податоци за повик: метаподатоци (време, траење, статус, дали повикот завршил кај AI или кај човек) и наплатливи AI минути. Целосен препис и аудио се чуваат САМО за демо-повици со вклучено демо-снимање и изговорена најава за снимање — сите останати повици остануваат само метаподатоци.

Податоци за персонал: е-пошта на корисникот, улога (администратор или вработен) и припадност на клиника. Лозинките ги чува Supabase Auth и никогаш не се видливи за AEVYRA.

Потсетници: текст на порака, време на испраќање, статус на достава и одговор на пациент (потврден, нема одговор, одбиен). Пораките мора да почнуваат со „Почитуван/а,“ и не смеат да содржат дијагноза, лек, доза или терапија.

3. Зошто ги обработуваме (цели и правен основ)

Закажување и управување со термини — извршување на здравствена услуга по барање на пациентот и договор со клиниката.

Одговарање на повици 24/7 и давање информации за работно време, доктори и услуги — легитимен интерес на клиниката за достапност.

Потсетници за термини — согласност дадена со оставање телефонски број за термин; одјава во секое време преку клиниката.

Безбедност, спречување злоупотреба и наплата на AI минути — легитимен интерес и договорна обврска.

4. Што НЕ правиме

AEVYRA не донесува медицински одлуки, не поставува дијагнози и не препишува терапија. Работи само во рамки на администрацијата (термини, информации, пренасочување до персонал).

Не ги продаваме податоците, не ги користиме за рекламирање и не ги споделуваме со трети страни освен технички обработувачи (хостинг, телефонија, испорака на пораки) под договор.

Не чуваме ЕМБГ, здравствени картони, дијагнози или терапии во панелот. Такви податоци никогаш не ги внесувајте во пораки или белешки.

5. Колку долго ги чуваме

Термини и потсетници: додека трае односот со клиниката, плус законскиот рок за евиденција, по што се бришат или анонимизираат.

Метаподатоци за повици: до 12 месеци за наплата и квалитет. Целосни демо-преписи и аудио: до повлекување на согласноста, најмногу 6 месеци.

Кориснички профили: додека трае пристапот; по одјавување пристапот се одзема веднаш.

6. Вашите права

Имате право на пристап, исправка, бришење, ограничување, преносливост и приговор, како и повлекување на согласност во секое време.

Барање поднесете до вашата клиника или на aevyra.mk@gmail.com. Одговараме најдоцна во рок од 30 дена.

Имате право на жалба до Агенцијата за заштита на личните податоци на Северна Македонија.

7. Безбедност

Податоците се заштитени со Supabase Auth и Row Level Security — секој корисник ги гледа само податоците на својата клиника.

Трансферот е шифриран (TLS), лозинките се хеширани, а снимките се достапни само преку краткотрајни потпишани линкови за членови на клиниката.

Пристапот на персоналот е по улоги: вработен гледа термини и менува статуси; само администратор додава и брише доктори и менува поставки.

8. AI и човечка контрола

AI асистентот проверува слободни термини преку истиот engine како и персоналот и никогаш не нуди термини надвор од работно време, смени, неработни денови или празници.

Кога разговорот бара човек, повикот се пренасочува на персоналот (human fallback) — човечкиот дел не се наплатува како AI минути.

Контакт за приватност: aevyra.mk@gmail.com · Скопје, Северна Македонија.